Ракометната репрезентација на Македонија доби пеколно тешка група на Европското првенство кое ќе се игра на почетокот од идната година.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров се најдоа во групата А заедно со домаќинот Германија и најдобрата репрезентација во последните 20 години, Франција, кои заедно со Данска се главните фаворити за триумф. Од последниот шешир, во групата А се најде и селекцијата на Швајцарија.
Ракометарите во првите две кола ќе играат против фаворитите, во првиот меч Црвено-жолтите ќе играат против Франција, а во второто коло против Германија. Во последното коло, Македонија ќе игра со Швајцарија.
Интересна е и групата Ц, каде што се наоѓаат селекциите на Србија и Црна Гора, заедно со Исланд и Унгарија.
Хрватска е во групата Б заедно со Шпанија, Австрија и Романија, а противникот на Македонија од квалификациите, селекцијата на Португалија ќе игра во групата Ф заедно со Данска, Чешка и Грција.
Европското првенство ќе се игра во Германија од 10 до 28 јануари 2024 година.