33.8 C
Skopje
сабота, 6 септември 2025

Пеколни седум минути на Германија за да ја збришат Португалија

Кошаркарската репрезентација на Германија се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство, откако убедливо со 85:58 ја победи Португалија. И пред мечот, Германците важеа за големи фаворити, па на крајот не дозволија изненадување.

Сепак, не беше толку лесно за Панцерите, затоа што Португалија цели 30 минути беше рамноправен ривал. Германија водеше со пет разлика по првите 10 минути, а потоа во втората четвртина, Португалија со серија од 14:4, стигнаа до предност од 26:21. На полувреме, Португалија водеше со еден разлика (32:31).

Во третата четвртина Германија го контролираше водството во поголем дел, имаа и девет поени предност (52:43), за да Португалија намали на 52:51 во пресрет на последните 10 минути од средбата.

Во четвртината кога требаше да се реши победникот, Германија ја покажа целата своја сила. Панцерите почнаа со серија од 12:0 и прв пат поведоа со двоцифрена предност (64:51), а неверојатно делуваше резултатот во 37 минута кога веќе беше 20 разлика за Германија (74:54) и сите дилеми околу победникот беа решени.

Во четвртфиналето, Германија ќе го чека подобриот од утрешниот дуел меѓу Италија и Словенија.

- Оглас -

Најнови вести