Фудбалската Лига на шампиони вечерва пред полноќ ќе го има комплетниот список на учесници за новата сезона. Остануваат уште три слободни места, за кои ќе се борат шест екипи.
Најголемо внимание привлекува дуелот помеѓу славните ПСВ Ајдховен и Глазгов ренџерс, чиј прв натпревар заврши без победник, 2-2. Вечерва фаворитската улога ја има екипата од Холандија со квота од 1.55.
Возбудувања ќе има и на двата преостанати натпревари. Копенхаген на домашен терен ќе стартува со предност од 1-0 од првиот натпревар одигран во Полска, на кој Данците дојдоа до победата со автогол на Раков.
Пеколно ќе биде и во Атина, каде што АЕК ќе го пречека Антверпен, кој има предност од 1-0 од домашниот натпревар одигран минатата седмица. АЕК во претходното коло елиминира многу поквалитетен противник, Динамо Загреб, и токму затоа вечерва ќе ја има фаворитската улога.