До последната секунда може да биде неизвесно во „Јане Сандански“ на дуелот меѓу Вардар и Кјелце, каде по првото полувреме актуелниот европски првак има водство од 17:16.
Гостите први дадоа гол и поведоа со 1:0, но потоа дојдоа минути за Вардар. Европскиот првак поведе со 4:2, потоа и со 7:3, а најубедливата предност Црвено-црните ја имаа во 15 минута, кога на семафорот беше 10:5 за Вардар.
Во тој момент, тренерот на Кјелце, Талант Душебаев побара тајм-аут и тоа се исплатеше за гостите. Кјелце направи серија од 4:0 за 10:9. Вардар водеше со 14:13, а потоа гостите со два гола во низа стигнаа до 15:14. Сепак, Вардар до полувремето повторно успеа да стигне до водство и на полувремето е 17:16 за македонскиот шампион.
Вардар во првиот дел е без најдобриот играч Даинис Криштопанс, кој се повреди на дуелот против Војводина во СЕХА лигата и иако се очекуваше дека ќе биде подготвен за денешниот дуел, сепак, засега тој е на клупата, облечен во тренерки.
Пред почетокот на мечот, посебно внимание се даде на враќањето на Игор Карачиќ во „Јане Сандански“. Хрватот кој седум години беше дел од Вардар, сега е во дресот на Кјелце.