Пеле стана именка во португалскиот речник, точно се знае што ќе значи неговото име

Легендарниот фудбалер и според многумина најдобар на сите времиња, Едсон Арантес до Насименто, попознат како Пеле, почина во декември минатата година на 82-годишна возраст. Неколку години Пеле се бореше со опасната болест рак, а почина на 29 декември.

Пеле е единствениот фудбалер кој има три титули светски првак со Бразил од Мундијалите во 1958, 1962 и 1970 година. Тој е запишан и во Гинисовата книга на рекорди како најдобар стрелец во историјата на фудбалот. Се смета дека има постигнато 1.279 голови во 1.363 натпревари, во кои се вклучуваат и пријателските средби.

Поради сите достигнувања во фудбалот, веќе е реализирана иницијативата за неговото име да се впише во речникот на португалскиот јазик. Досега се собрани над 125.000 потписи, а идејата е Пеле да биде именка.

Под описот за тоа што означува Пеле стои: Нешто или некој кој е невообичаен, нешто или некој што по својот квалитет, вредности, супериорност, не може да се рамни со некој друг, исто како што тоа беше Пеле, кого го сметаат за најголем фудбалер во историјата на оваа игра, неспоредлив, уникатен, единствен.

Според ова, именката пеле ќе може да се користи во речениците на пример: Тој е пеле во кошарката, тој е пеле во тенисот, тој е пеле во бразилската драматургија, тој е пеле во архитектурата…

- Оглас -

Најнови вести