Бојан Трајковски со 26 поени го предводеше Пелистер до сензационална победа против Работнички, прва за битолчани во клупската историја на гостински терен во Скопје.
Гостите победија убедливо со 105:81 и ќе презимат во Првата лига како единствена непоразена екипа со шест победи по ред.
Клучната разлика кошаркарите на Пелистер ја направија веднаш на стартот од мечот, кога од 7:5 за нив, стигнаа до 21:5 со бријлијантна серија од 14:0.
Разликата по првиот период беше двојна во корист на гостите, кои ја завршија првата четвртина со предност од 34:17.
Трајковски го полнеше кошот на Работнички и со 25 поени беше најефикасен на мечот. И разликата во корист на Пелистер растеше и на полувремето беше 59:36 за Пелистер.
Домаќините се обидоа да се вратат во игра, во финишот на третиот период направија серија од 11:0 и се доближија на минус 16 поени, но не издржаа.
Пелистер го одби нападот, а во победничкиот тим петмина кошаркари имаа двоцифрен учинок во поени. Малешевиќ постигна 20 поени, Вилијамс уфрли 16, а одлично одиграа и Кесар со 12 поени и Калахан со 10 поени.
Кај Работнички најмногу поени постигна Балмазовиќ, 32, а Питис и Вашингтон го завршија мечот со по 14 поени. Ова беше прв пораз на Работнички во оваа сезона, што ќе продолжи на 16 јануари идната година.