Пелистер загуби убедливо од Бидасоа Ирун пред една недела на гостувањето во Шпанија, поразот беше со 12 разлика, но утре во Битола очекуваат сосема поинаков меч.
„Се обидуваме да ја вратиме нашата препознатлива игра бидејќи во последните 5-6 недели со сите повреди кои нè снајдоа, играме поинаку, играме побавно. Имаме нов ракометар кој треба да го интегрираме и мора да се вратиме на нивото на игра од почетокот на сезоната. Работата на вчерашниот тренинг изгледаше добро, Хосни добро тренираше и верувам дека ќе додадеме брзина во нашата игра.
Разговаравме и како да ги решиме проблемите што ни ги создаде Агинагалде на првиот натпревар. Не бевме добри на тој меч.
Агинагалде е многу добар во напад, но исто така и многу спор во одбрана. Мора тоа да го искористиме, а во Ирун не успеавме. Тој детаљ е еден од клучните кој може да направи разлика. Сите веруваме во добар натпревар и победа утревечер. Се надевам дека ќе ја добиеме поддршката од нашите фанови, иако како што игравме лошо на последниот натпревар, не ја заслуживме. Го знаеме тоа и сакаме да оставиме добар впечаток пред божиќната пауза и ќе дадеме сè да ги освоите бодовите“, вели Данецот Валтер, кој е тренер на Пелистер.
Битолчани со две победи и три порази по првиот круг на натпревари во Д групата се на четвртото место, последно што води во плејофот во Лигата на Европа на ЕХФ.
Подвиг утре на свој терен ќе значи голем поттик кон остварување на целта и пласман во следната фаза.
„Се подготвуваме сериозно, го анализиравме претходниот натпревар што го игравме во Шпанија, каде што навистина одигравме лошо. Се надевам дека утре со нови сили целиот тим ќе даде максимум и ќе се израдуваме на победа на домашен терен.
Очекувам да ја заокружиме оваа полусезона со победа. Бидасоа Ирун има искусни ракометари, како што е Агинагалде, играат шпански систем на ракомет, кој можеби не е толку атрактивен за гледање, но секој си ја знае работата, добро се воиграни и носи резултати. Верувам дека имаме свои шанси и се надевам на победа“, вели Гоце Ојлески.
Мечот ќе се игра утре, од 20.45 часот, во Битола.