Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе бидат пред голем предизвик да го одбранат трофејот од Купот на Македонија, во финалето кое ќе се одигра во Битола, на теренот на најголемиот конкурент за трофеите оваа сезона, Пелистер.
„Штрковите“ од скопски Аеродром се најтрофејната екипата во Купот на Македонија со 11 трофеи и уште пет загубени финални натпревари, додека Пелистер само вторпат во својата историја ќе играат во мечот за трофејот, првпат после 2009-тата година, кога загубија од охридски Амак СП.
Дуелот во салата „Боро Чурлевски“ ќе биде уште поголем предизвик за МЗТ Скопје, ако се знае дека 11 години по ред ниту една екипа не успеала да го одбрани трофејот освоен во Купот на Македонија, а последен пат тоа го направи токму екипата од скопски Аеродром, кога трипати по ред доаѓаше до трофејот, од 2012-тата до 2014-тата година.
Според последните информации, денешното финале ќе се одигра со присуство на двете навивачки групи, бидејќи најавите се дека поддржувачите на МЗТ Скопје ќе патуваат за Битола, а таму ќе бидат и домашните „Чкембари“. Ова доаѓа после скандалот кој го одбележа полуфиналниот ден, во кој беше забрането присуството на навивачките групи на МЗТ Скопје и Работнички.