Екипата на Пелистер победнички стартуваше во новата сезона од АБА 2 лигата откако на свој терен со 74:72 го победи Широки. Битолчани одлично го започнаа дуелот и поведоа со 9:0, но гостите се вратија во игра, па по првата четвртина беше нерешено 19:19.
Во втората четвртина Пелистер повторно стигна до солидна предност од 34:25, а на полувреме домаќините водеа со 37:33. Битолчани постојано водеа во текот на целата трета четвртина, но ниту еднаш со повеќе од осум разлика. Пелистер првпат двоцифрена предност имаше на почетокот од последната четвртина, кога водеше со 61:50.
Широки намали само на еден разлика, 67:66, и тоа беше најава за неизвесна завршница во која кошаркарите на Пелистер сепак беа посконцентрирани, поуспешни и на крајот се радуваа на победа.