Пелистер го декласира Алкалоид со 13 гола разлика и ја има пол-позицијата за плејофот

Актуелниот ракометен првак Еурофарм Пелистер одигра блескав натпревар против Алкалоид и го совлада скопскиот тим со 33-20. Овие 13 гола разлика се доволни за тимот на Раул Алонсо да ја обезбеди пол-позицијата пред плејофот. На втората позиција ќе биде Вардар, а Алкалоид е третопласиран, се разбира, доколку трите ривали ги добијат сите преостанати натпревари до почетокот на плејофот.

Пелистер тргна фуриозно, поведе со 5-1, а потоа и со 8-3 и беше јасно дека ракометарите на шампионот се решени да остварат триумф со убедлива разлика.

На полувреме Пелистер имаше пет гола позитива (16-11), а продолжи во исто темпо и во вториот дел.

Одбраната на домаќинот беше цврста, успеа да го сопре Марко Митев, а на спротивната страна Филип Кузмановски постигна 11 гола, а Богдан Радивојевиќ беше стрелец на осум погодоци. Одличен на голот беше и Николче Митревски кој скроти неколку клучни топки и имаше 12 одбрани, а на крајот постигна и погодок.

- Оглас -

Најнови вести