Кошаркарите на Пелистер славеа во дербито на колото против Чаир со 77-73, што е исклучително значаен триумф за битолскиот клуб, кој се наоѓаше во сериозна криза во изминатиот период. Иако притисокот се одрази врз играта на Зелено-белите, кои имаа сериозни осцилации во текот на натпреварот, избраниците на Петровиќ покажаа карактер кога беше најважно.
Во последната минута направија серија од 7-0 и ја осигураа победата.
Пелистер одлично го отвори натпреварот, одбраната функционираше беспрекорно, запирајќи го тимот на Чаир на само 13 поени (22-13). Со тројката на Стајиќ, домашниот тим поведе со 25-13, но Чаир одговори со 11 поени во низа и целосно се врати во натпреварот. Битолчани сепак подобро го завршија полувремето и благодарение на Бојиќ и Мишковиќ, на одмор заминаа со водство од 40-32.
Чаир не се предаде, па гостите на една минута до крајот успеаја да израмнат на 70-70 со поените на Кели. Антоан погоди тројка за Пелистер во клучните моменти, следеа и поени по офанзивен скок на Бојиќ, а Стајиќ по една украдена топка го реши натпреварот.
Бојиќ со 18 поени беше најефикасен во тимот на Пелистер, по 15 поени реализираа Стајиќ и Мишковиќ, додека прв стрелец на Чаир беше Ролинс со 18 поени.