Екипата на Пелистер ќе игра во финалето на плејофот од кошаркарското првенство на Македонија откако вечерва со 88:80 го победија Работнички. Ова беше трета победа по ред на битолчани и третпат по ред ќе бидат дел од финалната серија. И како во претходните две години, МЗТ Скопје Аеродром ќе биде противникот на Пелистер, кој сонува за прв трофеј во мак-кошарката.
Пелистер одлично го започна мечот против Работнички во салата „Боро Чурлевски“ и поведе со 10:3, а потоа првпат стигнаа и до двоцифрено водство од 20:10. Домаќините го контролираа резултатот и во втората четвртина, а во еден период водеа дури и со 13 разлика (48:35).
Речиси во текот на целата трета четвртина Пелистер имаше двоцифрено водство, а најмногу водеа со 64:47 во 27-мата минута. Тогаш следуваше неверојатен пад во играта на домашниот тим, а Работнички тоа знаеше да го искористи. Гостите од Скопје со серија од 15:2 стигнаа до 66:62, на почетокот од последната четвртина.
Тогаш повторно се разигра Пелистер и со осум поени во низа стигна до 74:62. Во последната минута Работнички стигна до шест негатива 86:80, но битолчани не дозволија да направат вересија и со мирна завршница стигнаа до триумф.