Еурофарм Пелистер го победи Вардар со 35:33 во големото дерби кое го одбележа 15. коло на ракометната Суперлига. Со овој триумф Пелистер сега има 13 победи и два порази, а со ист биланс е и Вардар. Лидер на табелата е Алкалоид со 14 победи и само еден пораз.
Битолчани уште од стартот на мечот покажаа дека се мотивирани да стигнат до победа, па по 12 минути имаа предност од 8:4. Гостите потоа побараа тајм-аут по кој намалија на 9:8. Вардар во нападот тргна до тактика да игра „седум на шест“ што се покажа како лошо за нив, затоа што по неколку лесно загубени топки примија три голови на „празна мрежа“, па Пелистер во 24 минута стигна до 18:11 во 27 минута.
Главен играч кај Пелистер во овој период беше репрезентативецот Филип Кузмановски кој постигна седум голови. Пелистер до крајот на првото полувреме стигна до најубедливи девет разлика (22:13).
На полувремето, во салата „Боро Чурлевски“ се случи еден убав момент, кога домашните навивачи го преплавија паркетот со стотици плишани мечиња, кои беа како дел од хуманитарната акција да се донесе радост кај децата од ранливи категории.
Во второто полувреме на теренот сосема различна слика. Пелистер водеше со 25:16, а потоа Вардарци се разиграа. Најпрво намалија на 26:21, а потоа стигнаа само на три негатива (27:24 во 45 минута). Неизвесноста продолжи кога гостите стигнаа и до минус од само два гола во 52 минута (31:29), а потоа беше и 33:31 во 55 минута. Во 38 минута Вардар намали и на еден гол 34:33, но потоа Радивојевиќ со неговиот 13 гол врати на два позитива и ги реши сите дилеми околу победникот.
Резултати од мечевите во ова коло: Струга – Куманово 29:23, Бисинов – Пролет Тинекс Скопје 24:25, Бутел – Радовиш 36:21, Тиквеш – Охрид 26:26, Прилеп – Алкалоид 30:40, Еурофарм Пелистер – Вардар 35:33.
Табела: Алкалоид 28, Вардар 26, Еурофарм Пелистер 26, Охрид 23, Бутел 16, Тиквеш 16, Тинекс Пролет Скопје 15, Прилеп 12, Куманово 6, Струга 6, Бисилов 5, Радовиш 1.