Пелистер и КФСМ за еден ден успеаа да го упропастат Купот!

Кошаркарскиот куп на Македонија секогаш имал посебен шмек, затоа што се игра во нокаут-фаза и дава можност и на оние послабите екипи да стигнат до трофејот. Токму затоа, дури осум различни клубови се запишани во историјата како освојувачи на пехарот.

Пелистер досега не се радувал на овој трофеј и битолчани решија оваа сезона по пауза од 17 години да бидат домаќини на завршницата на Купот. Најдобрите осум екипи вчера беа „преселени“ во Битола кога се играа четвртфиналните дуели. Тие мечеви требаше да бидат како загревање за тоа што следува вечерва кога се полуфиналните дуели и утре за кога е закажано финалето.

Вечните ривали МЗТ Скопје Аеродорм и Работнички играат во првото полуфинале и потоа домаќинот Пелистер против Еуро Никел во втората полуфинална пресметка, треба да решат кои ќе играат во утрешниот меч за трофеј.

Сепак, наместо спектакл денеска во Битола се случи брука. Организаторот на Купот преку соопштение најави дека нема да биде дозволен влез на навивачи кои организирано ќе допатуваат во Битола, што значи дека вечното дерби за ПРВ ПАТ во Куп пресметка ќе се игра без навивачите на двата тима.

Вистински преседан е оваа одлука на организаторот на Купот, кој потоа со уште едно соопштение се обиде да се извади и да ја оправда непопуларната одлука да не дозволи присуство на публика. Организаторот бил изненаден што аеродромци синоќа упатиле барање за присуство на полуфиналето, а фановите на Работнички тоа го направиле утрово, па немало кога да се извадат столиците од сала, да се повика дополнително обезбедување и да се направел план за евакуација.

Прашањето сега е, како тоа челните луѓе на Пелистер останале изненадени дека „Фемили Аеродром“ и „Сити Парк Бојс“ најавиле присуство на вечното дерби. Па луѓе кои не се разбираат во кошарка, знаат дека кога играат овие два клуба, секогаш има фанови од двете страни, а битолчани и првите луѓе на КФСМ сега останале изненадени.

Битолчани дури за виновни ги најдоа и двете навивачки групи затоа што доцна пријавиле доаѓање на полуфиналето, дури синоќа! А кога требало да пријават доаѓање, ако се знае дека Работнички дури синоќа обезбеди место во полуфиналето.

Демек, навивачите требало да бидат подготвени затоа што МЗТ и Работнички биле фаворити за полуфиналето, па требало порано да биде пратено тоа известување. А, дали Пелистер како организатор истото не требало порано да го мисли, дека фаворитите ќе играат во полуфинале, па да имаат доволно време и луѓе да се организираат.

Велат, организаторот немал време кога да демонтира дел од столчињата за местата каде ќе бидат сместени навивачите. Па синоќа во салата „Боро Чурлевски“ кошарка се играше во речиси 22 часот, нормално дека нема да бидат демонтирани столчињата после полноќ туку тоа е работа која по сите процедури требало утрово да се заврши. Требале да прават план за евакуација? Колку поразличен е тој план од сите останати планови кога во Битола гостуваат пример „Комити“ на ракометен меч и дали тој план не требало да биде смислен уште пред да почнат Куп натпреварите бидејќи битолчани сами бараа да бидат организатори, а сега не биле доволно организирани да направат план за евакуација?

Се жалат дека немале доволно луѓе. Па ако немаат доволно луѓе како планирале да организираат Куп на Македонија, или нивниот план бил тој, ДА НЕМА ПУБЛИКА.

Уште многу поодамна од синоќа се знаеше „костурот“ на завршницата на Купот и сите очекуваа да има вечно скопско дерби, но од Пелистер напоменуваат дека „како организатори синоќа гласно прашавме претставници на федерацијата дали треба да се подготвиме за гостински навивачи, по што добивме негативен одговор, бидејќи ниту еден клуб не побарал такво нешто од куќата на кошарката“.

Зарем и во КФСМ се толку залутани да не знаат дека кога играат МЗТ и Работнички секогаш, ама секогаш има навивачи на двата клуба, секако само кога е ситуацијата како сега, ДА НЕ ДОБИЈАТ ДОЗВОЛА ЗА ВЛЕЗ.

Неспособноста на првите луѓе на кошаркарската федерација да проценат дали некој заслужува и има капацитет да добие организација на Купот исплива на површина и уште еднаш покажаа дека нив не ги интересира да има навивачи, да има публика, Купот да биде фешта и празник како што најавуваат.

Впрочем со одлуките кои најчесто ги носат, тие ги БРКААТ навивачите од трибините. Куп дуели на неутрален терен МЗТ и Работнички играле и пред многу години и секогаш имало фанови од двата таботи, ама денеска НЕМА.

А, не треба да се гледа многу далеку. На неполни 200 километри од Македонија, во Ниш, денеска и утре се игра Куп завршницата во Србија, а во салата „Чаир“ е дозволено присуство на сите навивачи без разлика дали се за Црвена ѕвезда, за Партизан или за некој друг. Никој од таму не се пожали дека немал доволно луѓе, немал план за евакуација, немал време кога да се организира, а добива организација на Куп.

И на крај, секоја чест на навивачите на Пелистер, популарните „Чкембари“ кои најавија дека ќе бојкотираат во полуфиналето и нема да навиваат како знак дека се против оваа најнепопуларна одлука што ја донесе организаторот на Купот.

Алал да им е на организаторот и на КФСМ, направија наместо фешта, Купот да се памти по оваа срамна одлука.

- Оглас -

Најнови вести