Два меча од 22. коло на Прва фудбалска лига на Македонија се играат денеска од 14 часот, а на теренот ќе бидат четири екипи кои не се сигурни дали ќе обезбедат опстанок во елитата за следната сезона. Башкими во Куманово е домаќин на Македонија Ѓорче Петров, додека во Кавадарци домаќинот Тиквеш ќе игра против Пелистер.
Башкими има 29 бодови и е на петото место на табелата, но уште не е сигурен околу опстанокот. Македонија ЃП е со 23 бодови на деветото место, што значи дека се под притисок да освојуваат бодови. Во пролетниот дел, тимот од Ѓорче загуби само еднаш во пет меча, што значи се во добра форма. Башкими на петте пролетни дуели играше со не повеќе од два гола на меч.
Тиквеш има 27 бодови и пред своите навивачи ќе брка нови три за да биде што е можно посигурен на табелата. Пелистер со 21 бодови е на 10 место на табелата и на последните четири дуели нема радост за битолчани. Традицијата вели дека на шест од полседните осум меча на овие два тима немало повеќе од еден гол што значи дека и еден потег може да биде решавачки околу победникот.
„Во пролетниот дел влеговме добро, a нормално секогаш може подобро. За денешниот натпревар очекувам да биде тврд како што и е секој дерби натпревар, Пелистер е одлична екипа и мислам дека табелата не е реална слика за нив, ние максимално го респектираме нивниот тим, но ќе дадеме се од себе за трите бода да останат во Кавадарци. Се надевам на одлично дерби со многу шанси, публика и прекрасна атмосфера. Во последните неколку натпревари наметнавме своја игра од која не отстапуваме ни дома ни пак во гости, мислам дека тимскиот дух е на одлично ниво и тоа е нашето најсилно оружје. Доколку се придржуваме кон барањата на нашиот стручен штаб мислам дека се ќе биде во најдобар ред и на крај ќе ја израдуваме публиката со три бода“ – изјави фудбалерот на Тиквеш Данаил Тасев.

