Пелистер забележа убедлива победа од 99:71 против Спарс Илиџа на АБА 2 турнирот во Бања Лука и се проби во плејоф-зоната на шестото место по 8 одиграни кола.
Битолчани имаа ривал со НБА-прекар, Спарс, како тимот на Сан Антонио, но сараевчани се далеку од реномето и квалитетот на НБА-лигашот и беа декласирани од македонскиот тим.
Победникот се навестуваше веќе по првото полувреме, што го доби Пелистер со 51:38, а потоа разликата само растеше.
Карпентер со 23 и Караџовски со 22 поени беа лидери во победничкиот тим, а одлично ги следеа и Карадерс со 19 поени, Хаџифезовиќ уфрли 16, а Маслинко даде 12 поени.
Пелистер сега има биланс од пет победи и три порази и е во Топ-8 екипите што ќе играат плејоф за влез во АБА-лигата.