Еурофарм Пелистер на доминантен начин се пласира во завршницата на фајнлфор-турнирот во СЕХА-лигата откако денеска по вторпат убедливо го победи Татран Прешов. Откако битолчани на првиот меч на свој терен победија со 37:29, овојпат на гости беа уште подоминантни и на крајот славеа со 10 гола разлика (36:26).
За Еурофарм Пелистер ова е прва победа на теренот во Прешов, а предводник на битолчани беше Костески, кој постигна 11 гола од 15 обиди, додека Стевановиќ постигна седум гола.
Битолчани уште од самиот старт го демотивираа домаќинот, па Еурофарм Пелистер поведе со 9:2, а највисоката предност ја имаше пред крајот на полувремето кога резултатот на семафорот покажуваше 19:7 за гостите. На полувреме Пелистер водеше со 20:10, а во вториот дел само рутински ја сочува убедливата позитива.