Пелистер и Струга ТЛ одиграа без победник (1:1) во меч одигран во Битола, во рамките од 19 коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Овој бод може многу да значи за Пелистер во борбата за опстанок.Битолчани сега имаат 20 бодови и се на деветото место на табелата.
Струга ТЛ дури во третото пролетно коло го освои првиот бод, па сега има 42 бодови, дури девет помалку од лидерот Вардар и полека го губи чекорот во трка за титулата.

Гостите први се израдуваа на погодок. Се играше 31 минута кога Воша го матираше голманот на Пелистер за предност од 0:1 за стружани. Тоа беше и резултат по првото полувреме.
Во вториот дел Пелистер тргна поофанзивно во обид да израмни и тоа му успеа на домаќинот во 73 минута кога погоди Лука Булатовиќ искористувајќи ја големата грешка на одбраната на гостите.
До крајот на средбата, двете екипи имаа свои шанси за втор погодок, но немаше промена на резултатот и дуелот заврши 1:1. Претходно денеска, Вардар минимално со 1:0 славеше над Башкими.

