Битолски Пелистер ќе мора да бара нов тренер, откако Милан Стојановски си поднесе оставка од позицијата шеф на стручниот штаб. Поранешниот македонски репрезентативец си заминува по серијата лоши резултати, а чашата се прели по денешниот пораз од Струга (0-2).
Пелистер пролетва освои само шест од можните 24 бода, односно победи само на првиот меч против Работнички (4-1), а на следните седум имаше ефект од три нерешени и четири порази.
„Како шеф на стручниот штаб, ја преземам целосната одговорност за резултати во пролетниот дел од сезоната и одлучив да поднесам оставка од функцијата. Сакам искрено да му се заблагодарам на клубот за укажаната доверба, на раководството за поддршката, на играчите за нивниот труд и залагање, како и на навивачите за нивната безрезервна поддршка во секој момент. Посебна благодарност и до градот Битола, кој секогаш стои зад својот клуб. На екипата ѝ посакувам многу среќа во продолжението од сезоната и остварување на целта – директен опстанок.“ – рече Стојановски за официјалната Фејсбук-страна на Пелистер.

