Пелистер прокоцка плус 12 во последната четвртина и шансите за пласман во плејофот драстично ги намали, Маслинко го имаше потегот на сезоната во АБА2-лигата

Кошаркарите на Пелистер загубија со 81:86 од Подгорица, со што шансите за освојување на едно од првите осум места на табелата во АБА2-лигата кои водат во разигрувањето за пласман во АБА-лигата се многу мали.

Пелистер пред последното коло од регуларниот дел, има учинок од пет победи и седум порази, колку што има осмиот Хелиос, но во последното коло ќе игра против лидерот на табелата, Спартак Суботица.

Битолчани на почетокот од последната четвртина имаа предност дури од 12 поени (70:58), но Подгорица за четири минути направи неверојатна серија од 3:17 и поведе со 73:75. Тимот од Црна Гора до крајот на мечот не ја испушти предноста и успеа да дојде до триумф, со кој се искачи на четвртото место на табелата.

Мала утеха за битолчани претставува потегот на сезоната во режија на Андреј Маслинко, кој во последната секунда од третата четвртина постигна тројка од својот рекет.

Токму Маслинко со 24 поени и 10 скока беше најдобар кај Пелистер, Планиниќ даде 18, а Најт со 13 поени беше третиот кошаркар со двоцифрен учинок.

 

- Оглас -

Најнови вести