Ракометарите на македонскиот првак Пелистер ремизираа (29-29) дома против Фредериција во осмото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Битолскиот тим стигна до четвртиот освоен бод и се наоѓа на шестата позиција која води во осминафинале од елитното европско натпреварување.
Фредериција имаше предност во поголемиот тек од натпреварот. Гостите на полувреме заминаа со три гола предност (13-16), но Пелистер со поддршка од публиката притисна и првпат успеа да поведе со 24-23 во 48-та минута, кога Филип Кузмановски успеа да ја надмудри противничката одбрана.
Но, драмата не изостана до крајот. Пелистер имаше и два гола предност, но ги испушти, па дозволи Фредериција повторно да поведе со мини – серија (28-29).
Новиот тренер на Пелистер, Раул Алонсо, повика тајм-аут, а советите донесоа седмерец и израмнување со погодокот на Дејан Манасков.
Мечот влезе во последната минута, гостите не успеаја да реализираат, па Пелистер доби напад за победа. Шутот на Хосни беше одбранет, но топката дојде кај Радивојевиќ. Сепак, Борзаш и во новиот обид не успеа да донесе победа, па Пелистер освои еден бод.
Радивојевиќ беше стрелец на седум гола во тимот на Пелистер, а капитенот Кузмановски постигна пет погодоци.
Во останатите натпревари од ЛШ, Загреб направи изненадување и го победи Магдебург со 22-18, а Спортинг Лисабон го декласира ПСЖ со 39-28. Алборг славеше против Колштад со 30-28.