Шкендија го победи Силекс со 4:2 во мечот со најмногу погодоци во 20 коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Овој дуел кој се играше на стадионот во Тетово го имаше и епитетот на дерби, затоа што двете екипи имаат шампионски амбиции.
Серијата погодоци започна уште во петата минута кога Алиќ погоди за водство на гостите, но Шкендија брзо израмни преку Крстевски и тоа само пет минути подоцна. Тоа беше резултатот од првото полувреме, а потоа следуваше вистинско гол-шоу во вториот дел.
Шкендија со голови во 63 и 76 минута стигна до сигурна предност од 3:1, а надеж за Силекс даде погодокот постигнат во 82 минута. Да нема драматичен финиш се погрижи Латифи кој погоди во 86 минута за 4:2 и победа на тетовци.
Работнички на арената „Тодор Проески“ минимално со 1:0 славеше над Воска. Отпорот на гостите беше срушен во второто полувреме кога српскиот интернационалец Анес Русевиќ погоди за Работнички, гол кој се покажа како клучен за Романтичарите да освојат три бодови и да се искачат на второто место на табелата.
Пелистер со фантастичен финиш стигна до победа на гости кај Тиквеш. Кавадарчани поведоа со 1:0 со голот во 64 минута, но Пелистер одигра фантастично во последните неколку минути. Во 85 минута битолчани израмнија, а три минути подоцна се случи и комплетен пресврт за триумф на Пелистер.
На гостинска победа со 2:1 се радуваше и Шкупи и тоа во Струмица против Брера. Беса освои вреден бод во трката за опстанок, откако на свој терен одигра без голови против Гостивар.
Табела: Шкендија 43 бодови, Работнички 40, Гостивар 39, Силекс 38, Струга 32, Шкупи 28, Пелистер 23, Брера 20, Вардар 16, Тиквеш 15, Воска 15, Беса 14.