Кошаркарите на Пелистер беа блиску до победата во Подгорица, но на крајот се покажа дека сепак, биле многу далеку. Битолчани имаа водство се до 35-тата минута, на моменти и од девет поени разлика, но домашната Подгорица со неверојатна серија од 22-4 во последните четири ипол минути успеа да дојде до убедлива победа од 90-79.
Она што е интересно, првите три четвртини им припаднаа на кошаркарите на Пелистер, првата со 21-22, втората со 20-21 и третата со 22-26, но домашните последната четвртина ја добија со убедливи 27-10 за прва победа во Јадранската АБА-2 лига оваа сезона.
Мајкл Едвардс со 24 поени беше најефикасен во редовите на Пелистер, а двоцифрени беа уште и Мицковиќ со 12 и Антоин со 10 поени.