Ракометарите на Еурофарм Пелистер остварија победа над Алкалоид со 30-28 во дербито од плеј-офот на македонската ракометна Суперлига, победа што не само што ги зацврсти позициите на битолчани во битката за титулата, туку и ги урна шансите на тимот од Автокоманда. За избраниците на Кире Лазаров ова е втор пораз во плеј-офот по оној од Вардар 1961, и сега им преостанува само теоретска надеж.
Натпреварот започна хаотично за Алкалоид, беа нефокусирани, со многу изгубени топки, кои Пелистер ги казни со експресни контри и поведе со 6-2. Но, по серија ротации и промени во тактиката, гостите успеаја да се вратат. Исклучувањата на Абутовиќ и Хосни им дадоа здив, па на половина од првото полувреме резултатот беше сведeн на 10-8.
Иако стигнаа на само еден гол негатива (11-10), исклучувањата на Стојковиќ и Карасманакис повторно ги фрлија во проблеми. Пелистер го искористи тоа и на пауза замина со водство од 18-15. За Алкалоид ситуацијата стануваше сѐ посериозна бидејќи тројцата клучни дефанзивци, Маркоски, Стојковиќ и Карасманакис, влегоа во вториот дел со по две исклучувања.
Сепак, второто полувреме започна со нов налет на Алкалоид. Гостите се доближија до само еден гол негатива (23-22), благодарение на инспирираните интервенции на голманот Галевски, кој бранеше и пенали. Но, кога Серафимов не успеа да реализира пенал за израмнување, пелистерци ја вратија контролата.
Голманот Филип Ивиќ со три клучни одбрани во финишот го затвори голот, а нападот за плус три во 50-тата минута донесе ново охрабрување за домашната публика. Пелистер стигна и до 29-25, а иако Алкалоид внесе драма на 40 секунди до крај, сѐ беше решено кога младиот Алем Хаџиќ ја затресе мрежата за конечни 30-28.