Пелистерци не дозволија нов пораз од Бидасоа, се одбранија во последниот напад

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа 29:29 против Бидасоа Ирун во шестото коло од групната фаза во Лигата на конференции. Навивачите на пелистерци, кои сè уште чекаат триумф на домашен терен, сепак имаат причини за задоволство бидејќи шпанскиот тим го имаше последниот напад, но одбраната на Е. Пелистер беше нa ниво на задачата.

Со ремито, Е. Пелистер остана на четвртото место на табелата во групата Д со пет бода, додека шпанскиот тим е трет со два бода повеќе.

Битолчани беа подобар тим во првото полувреме, постојано имаа предност, најголемата изнесуваше четири гола (16:12), но на одмор се замина со минимални 17:16 поради падот на концентрацијата на играчите на Е. Пелистер во последните минути од првиот дел.

Во второто полувреме се играше израмнето до 42-рата минута, по што шпанскиот тим постигна два гола за водство од 22:24. Ракометарите на Бидасоа Ирун најголемата предност ја имаа во во 48-мата минута, кога беше 23:26, но Е. Пелистер одговори два гола на Хосни и еден на Василев, со што ја врати резултатската неизвесност.

До крајот на натпреварот се играше гол за гол сè до претпоследната минута, кога шпанскиот тим поведе со 27:29. Но, битолчани одговорија на предизвикот, постигнаа два гола преку Ојлески и Танкоски, а потоа се одбранија во последниот напад и дојдоа до реми. Најефикасен кај Е. Пелистер беше Хосни со осум гола, седум даде Танкоски.

До крајот на полусезоната Еурофарм Пелистер ќе одигра уште една средба од домашниот шампионат, против Пролет, додека пролетниот дел го започнува со гостување кај Архус во Данска на седми февруари 2023 година.

- Оглас -

Најнови вести