Пенал-рулетот застана на „црно-црвено“: Вардар ќе игра за трофејот од Купот на Македонија!

Вардар и Алкалоид одиграа фантастично полуфинале од Купот на Македонија, на кое мораше да се изведуваат пенали за да се добие првиот финалист. „Фармацевтите“ од Автокоманда имаа водство од 14-13 на полувреме, а после регуларните 60 минути резултатот на семафорот беше 28-28. Алкалоид имаше напад за победа, но поради грубиот фаул на Вуко Борозан времето истече, па „сините“ немаа можност ниту да шутнат од игра.

Откако победникот не беше решен во регуларното време, се премина кон изведување на пенали, а таму „рулетот“ застана на „црно-црвено“. Алкалоид започна одлично, со оглед на тоа дека Мартин Серафимов погоди, а Иван Галевски го одбрани ударот на Пинто, но следуваше комплетен пресврт. Еспиња ги одбрани ударите на Кристијан Симоновски и на Дамјан Митев, а Георгиевски, Срдановиќ и Крсманчиќ беа прецизни за Вардар.

„Црвено-црните“ со конечни 32-31 се пласираа во финалето по пауза од една сезона и ќе играат за својот 17-ти трофеј, а противник ќе им биде подобриот од дуелот на Охрид и Еурофарм Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести