Победата од 4-2 на Атлетико Мадрид против Валјадолид ги врати Јорганџиите на третото место во шпанската Ла Лига со три бода помалку од вториот Реал Мадрид и седум зад лидерот Барселона.
Од шесте гола вечерва на „Ванда Метрополитано,“ три беа од пенали, од кои два за домашните, кои ги реализира Хулијан Алварес. Ова е прв меч на Атлетико по пет години на кој во првото полувреме имаше пенал и за и против нив, а Алварес е првиот Јорганџија од 2020 наваму кој дал два гола од пенали на еден ист меч.
Валјадолид е омилена жртва на Атлетико. Тимот на Диего Симеоне има неверојатен скор од 15 победи и едно реми на последните 16 дуели со Виолетово-белите.
Гол за Атлетико даде и Норвежанецот Сорлот, кој е суперрезервата на Симеоне. Сорлот има 9 гола сезонава во Ла Лига во мечеви на кои не бил стартер, со што е најефикасната резерва во историјата на шпанското првенство.