Пријател на бугарската фудбалска легенда Љубослав Пенев, Хуанхо Родри, откри детали за здравствената состојба Љубо.
„Неговата состојба е многу комплицирана, многу загрижувачка. Љубо ослабе 30 килограми за помалку од еден месец“, откри Родри.
Поранешниот менаџер објасни дека некогашниот напаѓач на шпански екипи како Валенсија, Атлетико Мадрид (со нив освои двојна круна во 1996), Компостела и Селта Виго страда од рак на бубрегот, кој се проширил на други органи. Планираниот третман, базиран на имунотерапија, ќе биде палијативен, со цел забавување на прогресијата на метастазите. Поради тоа што Пенев загубил многу тежина, во моментов хемотерапија не доаѓа предвид.
Медицинскиот третман се спроведува во приватна клиника во Аугсбург, Германија, каде што трошоците се многу високи. Се очекува лекувањето да чини помеѓу 250.000 и 300.000 евра. Затоа отворен е канал за финансиска соработка и се очекува учество на клубовите за кои играше Пенев.
Инаку Пенев го победи ракот на тестисите во 1994 година, а поради тој проблем не можеше да игра на СП 1994 во САД, кога Бугарите стигнаа до полуфиналето и го освоија четвртото место.

