Пеп: Навивачите повеќе сакаат трета титула во ПЛ, отколку прва во ЛШ

Пеп Гвардиола влезе во четвртата сезона како предводник на Манчестер сити, досега оствари голем успех на домашно тло, особено во Премиер лигата, но останува да се направи оној чекор понапред, да се дојде до успех и на меѓународната сцена. По две титули во англиското првенство и освоените Лига куп и ФА куп, јавноста смета дека е време за Сити да ја нападне и Лигата на шампионите, но Пеп смета дека знае што сакаат навивачите на клубот.

„Знам дека вие (новинарите) и сите останати критичари и стручњаци сметате дека за да докажеме дека сме најдобри, треба да ја освоиме Лигата на шампионите. Но, исто така знам и што сакаат нашите навивачи. Знам дека помило ќе им биде да ја освоиме титулата во ПЛ трета година во низа, отколку да ја запоставиме таа цел и да се насочиме кон ЛШ. Тие сакаат да изградиме династија каква што имаат Ливерпул и Манчестер јунајтед. Никогаш претходно не биле во ваква ситуација, да доаѓаат на стадион и да очекуваат и да се надеваат дека ќе бидеме повеќекратни англиски шампиони. Порано седеле дома или во паб и на ТВ гледале како нивните ривали градат историја“, истакна Гвардиола.

По успешното гостување кај Шахтар во првото коло од ЛШ, Манчестер сити утревечер на „Етихад“ ќе го пречека хрватскиот првак Динамо Загреб предводен од македонскиот репрезентативец Аријан Адеми со цел да се одржи позитивниот учинок во групната фаза.

- Оглас -

Најнови вести