Пеп се залета, па се сети: Ако не успееме оваа сезона, ќе се обидеме повторно следната…

Еден од најинтересните двомеча во осминафиналето е токму меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити. Првата пресметка е закажана за во среда, Кралевите ќе бидат домаќини на „Сантијаго Бернабеу“, каде што ќе го пречекаат актуелниот англиски првак.

Доколку Сити не се избори за добар резултат во Мадрид пред реваншот во Манчестер, односно претрпи елиминација од 13-кратниот европски првак, ќе биде последен настап за Граѓаните во ЛШ бидејќи, како што е познато, УЕФА ги казни со две години забрана за настап во европските натпреварувања.

Гвардиола накратко како да ја заборави суспензијата, па на прес-конференцијата посочи дека ако неговиот тим не успее оваа сезона да ја освои континенталната титула, ќе се обиде следната сезона, а потоа се коригираше.

„Играме против апсолутните владетели на Лигата на шампионите, овој двомеч за нас е вистински тест. И не е само Реал Мадрид, за да стигнеме до титулата, треба да се бориме против гиганти како што се Баерн Минхен и Барселона. Тие имаат играчи кои знаат како се освојува европскиот трофеј, додека ние уште се обидуваме да го стигнеме нивното ниво. Ако бидеме шампиони оваа сезона, ќе бидам пресреќен, но доколку потфрлиме сега, ќе се обидеме повторно следната сезона… Всушност, не знам за следната сезона, туку кога ќе бидеме во можност повторно да учествуваме во ЛШ“, изјави Гвардиола.

Полуфиналниот двомеч во сезоната 2015/16 беше последен пат кога Реал и Сити ги одмерија силите во нокаут-фазата, а тогаш Кралевите се пласираа во финалето и оттаму започна доминацијата со три последователни титули во најелитното клупско натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести