Килијан Мбапе по завршувањето на сезоната, ќе го напушти ПСЖ и ќе се пресели во Реал Мадрид, а претседателот на Кралевите, Флорентино Перес, поради големата конкуренција во нападот ќе мора да се ослободи барем од еден напаѓач и веќе донел одлука кој ќе биде тоа.
Според шпанските медиуми (todofichajes.com), пристигнувањето на Мбапе на „Сантијаго Бернабеу“ најмногу ќе го разочара Родриго, кој ќе биде ставен на трансфер-листата во летниот преоден рок.
„Според информациите што ги имаме, Родриго има најголеми шанси да си замине од Реал. Бразилецот знае дека доаѓањето на Французинот драстично ќе му ја намали минутажата. Неговиот агент веќе преговара со управата на Реал за да се изнајде најдобро решение“, објави шпански портал.
Три екипи пројавуваат сериозен интерес за Родриго, а интересно е што еден од нив е ПСЖ, за кого сега настапува Мбапе. Останатите два тима се премиерлигашите Манчестер јунајтед и Челзи.
Реал Мадрид е подготвен да се откаже од бразилскиот репрезентативец ако пристигне понуда од 120 милиони евра, сума која нема да претставува проблем за трите заинтересирани екипи.
Родриго сезонава досега одигра 40 натпревари за Реал Мадрид и постигна 13 гола, а има и осум асистенции.