Реал Мадрид цврсто останува на ставот дека во овој преоден рок нема да купува нови играчи. По информацијата дека слободниот напаѓач Единсон Кавани им се понудил на Кралевите, фановите кои беа разочарани по мечот со Сосиедад, помислија дека шпанскиот првак сепак ќе го засили нападот. Но, денеска дојде одговор дека не се размислува да се носат нови играчи.
Кавани би бил засилување за Реал, би дошол како слободен и нема да се плати отштета, но проблем е неговото барање за плата од 7 милиони евра годишно. Во период кога клубот ги крати трошоците, таков скап играч сметаат дека не им треба.
Реал има проблем со реализацијата, а освен во Карим Бензема, тренерот Зинедин Зидан нема доверба во ниту еден друг напаѓач. Клубот бара излезно решение за Јовиќ, Мајорал и Маријано Дијас, но јасно е дека до двајца од овие тројца ќе останат. Во Реал веруваат дека со враќањето на Азар и Асенсио, кои не играа во Сан Себастијан, ефикасноста ќе се подобри и нема место за паника и итно купување на централен офанзивец.