Реал Мадрид е актуелен бранител на тронот во Лигата на шампионите, но шпанскиот гигант утревечер ќе има голем предизвик да остане во трка за нов трофеј. Кралскиот клуб загуби со 3:0 од Арсенал во првиот меч од четвртфиналето од ЛШ и на „Сантијаго Бернабеу“ ќе мора да направи подвиг ако сака да оди во следната фаза.
Не е чудно за Реал да прави неверојатни работи. Во изминативе неколку сезони имал фантастични мечеви на коишто делувало дека екипата е во загубена ситуација, а на крајот победувала. Во Мадрид се надеваат дека така ќе биде и по реваншот со Арсенал.
Како дополнителен мотив да се стигне негативата од 3:0, претседателот на Реал, Флорентино Перес најавил дека фудбалерите ќе добијат голема премија за пласман во полуфиналето.
Ова е вообичаена пракса за Перес бидејќи и по победата во осминафиналето против Атлетико Мадрид на пенали, претседателот на клубот поделил по 250.000 евра од фудбалер.
Минатата сезона за освојување на трофејот во ЛШ, фудбалерите добија премија од по 900.000 евра. Ако се знае дека минатата сезона премии имаше и за секое поминување во следна фаза, вкупната премија по играч изнесуваше над два милиони евра.