Перес нема намера да ги чека Мбапе и Халанд, тргнува по соиграчот на Елмас

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, уште сега размислува за наследникот на Карим Бензема, кој за неколку месеци ќе наполни 36 години, и на листата на желби се наоѓаат тројцата најдобри напаѓачи на светот, но изненадувачки е приоритетот на Кралевите.

Не е никаква тајна дека дека прв избор на Перес е Килијан Мбапе, тој минатото лето се договори со Французинот, но остана со празни раце. Мбапе во последен момент се премисли и потпиша нов тригодишен договор со ПСЖ и тој потег Перес го смета за предавство.

Првиот човек на Кралевите им порачал на Мбапе и неговото семејство дека тој може да дојде на „Сантијаго Бернабеу“ само како слободен играч, односно нема намера да плаќа отштета за него, и би играл за помала плата од таа што сега ја има во францускиот тим.

Втора голема желба на Перес е Ерлинг Халанд, кој игра неверојатно сезонава во дресот на Манчестер сити. Планот на Кралевите е да тргнат по потписот на Халанд идното лето, кога ќе може да се активира откупната клаузула.

Но, „Марка“ пишува дека на Перес не му се чека толку долго бидејќи му е потребен елитен напаѓач за следната сезона и изборот паднал на голгетерот на Наполи, Виктор Осимен.

Според весникот, веќе е направен првиот чекор кон реализација на трансферот, луѓе од управата на Реал ги контактирале Осимен и неговите агенти со цел да го обезбедат неговиот потпис уште пред да започне преодниот рок.

Освен Реал Мадрид, голем интерес за соиграчот на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас пројавува и Манчестер јунајтед. Се очекува Наполи за својот фудбалер да бара околу 150 милиони евра отштета.

- Оглас -

Најнови вести