Перес подготвува летна револуција, „десетката“ ќе ја добие Мбапе, а „деветката“ ќе оди кај најдобриот напаѓач на светот

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, налето планира да направи вистинска револуција, да потпише со Килијан Мбапе, но и со Ерлинг Халанд, објави радиото Кадена Сер.

Според радиото, Перес одлучил налето да тргне по потписот со двајцата фудбалери кои треба да бидат предводници на новите „Галактикоси“ во следната деценија.

Работата со Мбапе е речиси завршена, договорот на Французинот со ПСЖ му истекува на крајот од сезоната и тој веќе ги известил челниците на клубот, но и соиграчите дека налето си заминува.

Засега мали проблеми прави мајката на Килијан Мбапе, која му е агент и бара многу поголема плата од таа што Перес му ја нуди на фудбалерот. Сепак, речиси никој нема дилеми дека Мбапе од следната сезона ќе ја носи „десетката“ на Реал Мадрид.

Кадена Сер објави дека Перес налето планира да го ангажира и напаѓачот на европскиот шампион Манчестер сити, Ерлинг Халанд кој би ја добил „деветката“ која е слободна.

„Можеби звучи нереално, но ако постои клуб кој може да направи вакво нешто, тоа е Реал Мадрид. Идејата за Халанд не е само обична приказна, но Мбапе е главен приоритет“, објави радиото кое откри дека Перес минатото лето ја одбил желбата на тренерот Карло Анчелоти да потпише со Хари Кејн кој на крајот заврши во Баерн Минхен.

„Карло Анчелоти минатото лето бараше да му го донесат Хари Кејн. Но, управата му порача дека неговиот потпис и должината не можат да се вклопат во плановите за ангажман на Ерлинг Халанд. Перес смета дека Кејн и Халанд не можат да играат во ист тим, но Мбапе и Халанд се поинаква приказна. Поради тоа пропадна можноста да се ангажира Кејн“.

Ерлинг Халанд има договор со Манчестер сити до 2027 година, но Перес смета дека може уште ова лето да го донесе на „Сантијаго Бернабеу“.

- Оглас -

Најнови вести