Иван Перишиќ (34) беше претставен како нов играч на сплитски Хајдук, а во своето прво обраќање до јавноста, фудбалерот на Тотенхем кој замина на позајмица во својот Хајдук, вели дека главна цел е освојување на титула во хрватската лига.
Перишиќ кој имаше операција на коленото, пред 10-15 дена почнал да трча, и се надева дека во април би можел да дебитира за Хајдук. Перишиќ и следната сезона ќе игра за Хајдук и тоа за симболична плата од 1 евро.
„Последниве денови имав проблем со спиењето. Среќен сум што сум тука, секогаш сонував да заиграм за Хајдук. Се надевам дека што е можно побрзо ќе се вратам на терен. Не ми е никаков проблем да играм на мали стадиони во мали места, јас сум пораснал на такви терени. Ако освоиме титула, тоа би ми било врв на кариерата, но патот до таму е долг, долго време не сме биле прваци, има многу работа. Имаме екипа, тука е и публиката, заедно можеме да направиме големи работи. Не прифаќам ништо помалку од прво место“, изјави Перишиќ.
Хајдук после 19 кола има 41 бод, шест повеќе од втората Риека која има и еден меч помалку, а Динамо има 34 бода и два меча помалку.
Навивачите на Хајдук веднаш го „нападнаа“ веб-шопот на клубот, за да купат дрес со бројот 4 и презимето Перишиќ на грбот. Дресот чини 120 евра сосе сите додатоци, а сајтот падна поради преоптовареност и големиот број нарачки.