Перница за немирен сон на Динамо Загреб

Лудек Перница му донесе немирен сон на Динамо Загреб пред реваншот на „Максимир“ во 16-финалето во Лигата на Европа и со два гола во второто полувреме му обезбеди предност на П’лзењ од 2-1.

Стоперот на чешкиот тим беше прецизен во 54-тата и во 83-тата минута за целосен пресврт на „Досан арената“ откако Дани Олмо му донесе предност на гостинот од Загреб со погодок во првото полувреме.

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми во улога на капитен го предводеше Динамо во првиот европски меч во нокаут-фазата за „модрите“ по пауза од цели 50 години. Динамо, и покрај поразот, има добар резултат за реваншот пред своја публика на „Максимир“.

И вториот наш репрезентативец што настапи вечерва во Лигата на Европа е поразен со својот тим. Стефан Ристовски одигра нешто повеќе од еден час за Спортинг во поразот од Вилјареал со 0-1. Десниот бек на популарните „лавови“ влезе во игра како замена за повредениот Бруно Гаспар, а шпанскиот тим победи со голот на Алфонсо во третата минута.

Успешен чекор вечерва од 21.00 часот имаа фаворитите Челзи, Валенсија и Наполи.

Резултати: П’лзењ – Динамо Загреб 2-1, Спортинг – Вилјареал 0-1, Селтик – Валенсија 0-2, Малме – Челзи 1-2, Бриж – Салцбург 2-1, Цирих – Наполи 1-3, Шахтар – Ајнтрахт Франкфурт 2-2. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести