Перо Антиќ и тимот најавуваат револуција во кошарката

„Спортот на спортистите“ е слоганот со кој Перо Антиќ ја претстави својата кандидатура за претседател на Македонската кошаркарска федерација.

Антиќ, кој е прв македонски играч кој настапил во НБА, има три евролигашки титули, беше капитен на националниот тим кога во 2011 година на Евробаскетот, Македонија стигна до полуфиналето, а има и медали за заслуги во Македонија и Грција.

Мотивите за кандидатурата му се да ја врати популарноста на кошарката, подобра организација на репрезентациите, деградирањeто на судиите, неоснованоста на давачките на клубовите кон Федерацијата. Меѓу целите му се: поголем квалитет на лигите, развој на младинските категории, нов сектор за маркетинг.

„Потребен е генерален партнер на лигите. Котизациите се високи, ќе се намалат за 20 проценти, треба да биде воведен награден фонд да имаат тимовите за што да се натпреваруваат. Освен кревањето на трофејот, нема добиток за клубот. Казни мора да има, но да не биде дека Федерацијата ќе се спонзорира од тие пари и треба да се намалат. Ќе лобираме да се даде епитет на женската кошарка и поголеми финансиски инвестиции, ќе ни треба технички спонзор за сите тимови. Федерацијата треба да биде сервис на клубовите“, рече Антиќ.

Тодор Гечевски, како иден соработник на Антиќ во МКФ, рече дека сакаат да обезбедат многу подобри услови за репрезентацијата, да ги имаат најдобрите можни услови за подготовки.

„Репрезентацијата мора да има врвни тренери, квалитетна опрема, регулирано осигурувањето, дневници, премии, играчите да бидат горди што го носат националниот дрес. Ќе ставиме акцент во развој на младите, ќе им овозможиме врвни услови, ангажирање на тренери кои цела година ќе работат со нив. Што се однесува до клубовите, тие мора да добијат помош со обезбедување спонзор на лигите и намалување на котизациите и да се подигне интересот со настапи во европските купови. Треба да ги заинтересираме луѓето и за женската кошарка“, рече Гечевски, кој додаде дека сега ова е почеток на кампањата и ќе почнат поактивни контакти со клубовите.

Владимир Георгиевски, кој исто така е поранешен играч, најави воведување сектор за маркетинг во МКФ кој ќе има задача само за маркетинг-цели. Тој најави развој на дигитален маркетинг, на социјалните мрежи каде што би се пренесувале мечевите, а новина би бил проект „спорт лојал картичка“.

Антиќ и соработниците како стратешки цели ги наведоа и: основање на ветеранска бизнис лига, едукација на тренерите од сите возрасти, регулирање на бројот на странци во домашното првенство, итн.

На промоцијата беа присутни многу кошаркарски легенди, сегашни и поранешни играчи, тренери, претставници на клубови, како и екс претседателот на МКФ, Даниел Димевски.

„Сакаме да ја тргнеме политиката од спортот. Политиката е навлезена во спортот, а треба да биде спортот на спортистите. Клубовите нека одлучат дали ќе бидат на страна на спортот или на политиката“, рече Антиќ.

На крајот беше покажано видео каде беше кошарката некогаш, а каде е сега.

- Оглас -

Најнови вести