Перо знае како до концертен спектакл кој ќе остане во меморија на присутните, а состави и необичен хуманитарен тикет

Петар Георгиевски, алијас Перо Камиказа, е сестран човек на кој може само да му се воодушевувате за тоа што го прави на повеќе полиња, а иако има многу обврски периодов, без проблем се согласи да состави и еден хуманитарен тикет на кој главен меч е финалето од Лигата на шампионитево фудбал.

Sport Life како општествено одговорна компанија, ја поддржува македонската музика и култура, затоа е и еден од покровителите на концертот на групата „Меморија“, закажан за 11-ти јуни на стадионот на АРМ во Скопје.

Се очекува тоа да биде музички спектакл на годината, и според бројноста на публика, но и според други параметри. Првпат на еден концерт кај нас, ќе има и платформи за лица со инвалидитет, нешто што треба да биде редовна пракса во иднина на сите кои ќе прават големи концерти.

„Меморија“ ја слушаат сите, од најмали до највозрасни, нема човек што не знае барем две-три песни од нив, концертот ќе претставува своевидна матурска средба на генерациите. Секако ќе има и изненадувања, кои беа најавени на прес-конференција.

Перо е музичар, актер, спортист, беше кандидат за градоначалник на Скопје на последните избори, а основач е и менаџер на компанијата КЛС Евентс која се занимава со организирање на настани. Тој со многу љубов и посветеност изминативе месеци се труди да го организира концертот на „Меморија“ и сето тоа да биде беспрекорно.

ТИЕ ШТО НЕ БЕА НА КОНЦЕРТОТ ВО 2017, НЕ СМЕЕ ДА ЈА ПОВТОРАТ ГРЕШКАТА

„Скоро секој ден правиме проби, за луѓе кои имаат работни и други обврски, тоа е скоро невозможно во Македонија, но Меморија секогаш била позната по точност и емоции, па успеваме. Концертот го правиме за да биде уште подобар од претходниот во 2017 година, и за да дојдат и оние кои што тогаш добија минус. Тие што беа тогаш, сигурно ќе дојдат повторно. Тогаш имаше 6.000 луѓе во Метрополис арената, сега се надевам на поголема бројка, некаде околу 10.000. На добар пат сме, на две недели пред концертот, половина од стадионот е распродаден. Се надевам дека Господ и ќе ни помогне времето да биде убаво. Вложивме максимални напори, дадов 5-6 месеци од мојот живот, активно инвестирав за оваа приказна да успее, а можам да кажам и дека бендот звучи перфектно“ – вели Георгиевски, кој додава дека алкохолните пијалоци нема да бидат скапи како на други места, и ги поканува сите кои не купиле билети, да го сторат тоа.

ПЕЧАТ НА МАКЕДОНСКИОТ РОКЕНРОЛ

Перо тврди дека после ова искуство, нема шанса повторно да се нафати во иднина да организира концерт на „Меморија“, но не тврди дека ова е последна шанса да се види концерт на „Меморија“.

„Може да се случи некој спонзор да ни даде многу пари и да направиме концерт, така можеби ќе имаме концерт и во иднина. Но, јас да чукам на толку многу врати, и да барам спонзори и да го работам тоа што го работев овие месеци, ниту имам намера, ниту нерви. Инаку, ова е печат на македонската рокенрол музика. Минатиот пат гости ни беа Зијан, Мики Јовановски Џафер, Пере Нокаут, Гранит Таќи, овојпат ги имаме Морал, Ласт Експедишн, Конкорд и Некст Тајм. Меморија сама по себе е историја, заедно со овие бендови оставаме Библија на македонската сцена“ – објаснува Перо.

ТРИАТЛОНОТ МУ Е НАЈНОВА СПОРТСКА ЉУБОВ

„Јас цел живот сум индивидуален спортист. Бев пионерски првак на Македонија во атлетика на трки на 100 и 200 метри, имам веслано на светско првенство во кајак во Ц2, имам црни појаси во повеќе боречки вештини. Имам истрчано преку 100 маратони низ светот, трчав на три од шесте најпознати маратони на светот. Се создаде убава енергија во тој спорт кај нас. Една од целите ми е да трчам на сите шест најголеми маратони, ако левата нога ми дозволи. Најнова спортска љубов ми е триатлонот и возењето велосипед, опседнат сум со триатолните, и жал ми е што периодов го запоставив“ – вели човекот кој е еден од физички најспремните во Македонија меѓу неговите врсници, а доминира и против многу помлади.

БУГАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-100

Нема искуство со обложување, но себеси се смета за добар прогнозер.

„Досега не сум се обложувал, но кога станува збор за репрезентацијата на Македонија, често погодувам. За фудбалерите погодив дека ќе победиме во Италија со гол во 90-та минута, и за ракометарите бев сигурен дека ќе се пласираат на Светско првенство. Ме интересира само македонскиот спорт“ – ни рече Перо, по што се наметна прашањето да даде своја прогноза за резултат од мечот Бугарија – Македонија од фудбалската Лига на нации кој се игра на 2 јуни во Разград.

„Ќе ги победиме Бугарите со 100-0. Во 2018 година трчав на софискиот маратон, влегов низ целта со македонско знаме, имав и шал, а некој од публика викна северна. Се вратив и реков ајде да го видам јунакот кој е што викна, не се јави никој. Јас на 61 година немам намера да менувам ставови, сум се родил Македонец, Македонец сум, и ќе умрам како Македонец“ – завршува харизматичниот фронтмен на легендарната „Меморија“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести