Пешевски е оптимист: Холандија игра поинаков ракомет од Унгарија, но ние сме подготвени и за нив

По ремито со Унгарија, македонската репрезентација денеска го одработи тренингот како последна подготовка за утрешниот дуел против Холандија, во рамките од второто коло на Светското првенство во Хрватска. Еден од најискусните во нашата селекција е пикерот Жарко Пешевски, кој потенцираше дека атмосферата во таборот е одлична и дека сите ракометари со оптимизам го чекаат следниот предизвик.

„После вчерашниот меч, седиме цврсто на земја. Максимално сме фокусирани за дуелот против Холандија. Несреќно не победивме против Унгарија, но тој меч е веќе зад нас. Максимално сме мотивирани, а и тоа е нормално кога имаме толку многу навивачи кои ни даваат поддршка. Верувам дека за утрешниот меч ќе имаме уште поголема поддршка. Ќе излеземе со ладни глави и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат“, рече Пешевски на денешниот тренинг.

Пикерот вели дека добро е анализирана играта на Лалињата и дека само со колективна игра и максимално залагање може да се стигне до успех.

„Секако дека ја анализиравме играта на Холандија. Играат поинаков ракомет од Унгарија. Многу се побрзи, имаат одлични индивидуалци. Ние сме подготвени мотивирани и имаме свои шанси“, оптимист е Пешевски.

- Оглас -

Најнови вести