Победата над Швајцарија од 29-27 значеше и 17-то место во конечниот пласман на Европското првенство во Германија и условно полесен противник во баражот за пласман на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. „Пикерот“ на ракометната репрезентација на Македонија, Жарко Пешевски, беше емотивен и најави дека имаме светла ракометна иднина.
„Беше тешко по првите два натпревара на коишто игравме со две големи ракометни сили, знаевме дека ова е нашата шанса. Се надевавме дека и нам ќе ни се насмевне среќата и така и излезе, ова беше наш ден. Поддршка имавме од верните навивачи кои дојдоа дури до Берлин. Работевме 25 дена заедно, живеевме за овој ден и еве ја израдувавме цела Македонија. Ова беше нашиот најдобар натпревар на првенството. Техничките грешки ги намаливме, на теренот изгледавме како тим и заслужено победивме. Иако некој се сомнева, мислам дека Македонија има ракометна иднина и треба мирно да спие бидејќи Македонија има мангупи“, изјави кружниот напаѓач на Македонија, Жарко Пешевски.