Кошаркарската репрезентација на Србија вечерва ќе игра против Словенија во пријателски меч, кој е последна подготовка пред стартот на Европското првенство. Србите се едни од главните фаворити за златото, а селекторот Светислав Пешиќ вели дека екипата уште го нема достигнато максимумот.
„Ни подобри тренери од мене не може да ви одговорат околу тоа колку фали играчите да бидат на потребното ниво за ЕП. Работевме колку што времето ни дозволи. Исто така, работевме колку што играчите беа подготвени да ги спроведат барањата што беа поставени. Тоа е посебен начин на подготовка за репрезентацијата. Подготовката на репрезентацијата за натпревари како оние што ги имаме е комплицирана, секако. Сè е различно. Но, тоа не е причина зошто не можеме да го најдеме вистинскиот начин да постигнеме задоволителна форма“, вели Пешиќ.
Еден од најдобрите тренери вели дека многу работи околу резултатите на континенталниот собир ќе зависат од подготовките.
„Што се однесува до кошарката, некој ќе рече – што има, Јокиќ е тука, најдобриот играч на светот, само дајте му ја топката навреме и ќе бидете шампиони. Сепак, не е баш така. Така изгледа, но не е. Ништо во животот не се случува автоматски. И мора да се подготвите за сè. Значи, сè е во подготовка. Лоша подготовка – лош резултат. Но, сè што велам важи и за другите тимови. Сега не сме единствените. Сите имаат ист проблем. Кој ќе најде подобар начин да се врати во форма, има поголеми шанси на Европското првенство. Мислам дека сме добри, но сè уште не сме доволно добри за да можеме да кажеме: сè зависи од нас. Не зависи сè од нас. Можеби тоа ќе се подобри преку првенството. И сигурно ќе се подобри. Бидејќи како што доаѓаат официјалните натпревари, концентрацијата се зголемува, тензијата се зголемува, играчите се подготвуваат подобро“, додаде селекторот на Србија.