15.8 C
Skopje
четврток, 16 октомври 2025

Пешиќ ги објави проблемите со кои се соочи Србија на Евробаскетот: „Доаѓам јас, и ги нема Јокиќ и Јовиќ“

Досегашниот селектор на српската кошаркарска репрезентација, искусниот стратег Светислав Пешиќ, првпат јавно откри какви проблеми имал со тимот за време на Евробаскетот во Рига.

Србија отпатува во главниот град на Летонија како главен фаворит за златото, но беше елиминирана уште на самиот старт на нокаут-фазата. Изненадување на годината направи Финска, која го елиминира српскиот тим во осминафиналето.

„Подготовките беа одлични, како и почетокот на Европското првенство. И потоа дојде натпреварот со Португалија, на кој Богдановиќ се повреди. Еден од најважните играчи. Повредата на Богдановиќ во тимот ја зголеми одговорноста и ги мотивираше другите играчи да преземат повеќе обврски. Потоа одигравме фантастична партија против Летонија. Таа игра ни ја подигна самодовербата“, рече Пешиќ во разговор за „Недељник“.

„Бев задоволен затоа што не морав да им кажувам на играчите дека го изгубивме Богдан и дека треба да преземат одговорност. Се гледаше дека тоа го чувствуваат. Но, потоа дојде Турција, и во петтата минута се повреди Аврамовиќ. А тој ни е најважниот играч. Тој е моторот на целата наша одбрана. Живееме од одбрана. Секако, имаме најдобар играч на светот, но и Јокиќ зависи од сите останати. Потоа се повреди и Вукчевиќ во тој натпревар. Секако, тој не е најважниот играч, но се намали ротацијата. Потоа се повреди и Гудуриќ. Еден тренинг може, друг не. Натпреварот со Турција го губиме за еден посед, и тоа без Аврамовиќ.“

Како да не беше доволно… По судирот со Турција, српскиот тим бил погоден и од вирус.

„Дојдов на појадок, а таму го нема Јокиќ. Го нема ни Никола Јовиќ. Каде се тие? Професор д-р Гага Радовановиќ ми соопшти дека се болни. Ете, тоа беа нашите проблеми со кои се соочувавме. Изгледа дека навистина бил вирус. Претходниот ден во хотелот ми се отвори лифт, а во него беше летонскиот тренер Банки. Тој ми рече – некој вирус не зафати. Ден потоа двајца наши играчи не можат да станат од кревет. Неколку членови од медицинскиот тим и раководството исто така. Болните играчи не одеа на тренинг, добиваа инфузија трипати на ден, а храната им ја носеа во соба. И пред натпреварот утрото ми рекоа дека им поминала температурата и дека сакаат да играат. Никола Јовиќ ми рече: ‘Добро сум, ќе играм јас’. Јокиќ, него и да го боли, никогаш нема да каже дека го боли. Таков тип е, може да издржи сè“, објави Пешиќ во интервјуто за „Недељник“.

- Оглас -

Најнови вести