23.8 C
Skopje
понеделник, 8 септември 2025

Пешиќ ќе биде сменет од кормилото на Србија, познат е и неговиот наследник

Кошаркарската репрезентација на Србија со неочекуван пораз од Финска го заврши настапот на Евробаскет уште во осминафиналето, а по вистинската бламажа на првите фаворити, селекторот Светислав Пешиќ ќе ја напушти клупата. Кошаркарскиот сојуз на Србија веќе има подготвена замена.

Србија пристигна на Евробаскет како огромен фаворит. Сите предвидуваа дека тимот предводен од НБА ѕвездата, Никола Јокиќ, ќе стигне до златото, но во осминафиналето Финска одигра извонреден меч и ги испрати избраниците на Пешиќ дома.

Медиумите во Србија елиминацијата ја оценија како целосна катастрофа. Се бара заминување на Пешиќ од селекторската позиција, а тоа извесно и ќе се случи.

Иако 76-годишниот стратег бил подготвен да остане на функцијата, КСС веќе има подготвена замена и Пешиќ ќе биде разрешен. Нов селектор ќе биде Саша Обрадовиќ.

56-годишниот тренер веќе има постигнат договор со КСС, а наскоро ќе биде и официјално потврдено неговото назначување. Обрадовиќ ќе дебитира на клупата во квалификациите за Светското првенство во ноември, кога Србија ќе игра против Швајцарија (27 ноември) и Босна и Херцеговина (30 ноември). Во групата Ц е и Турција, па се очекуваат жестоки и неизвесни дуели.

Три селекции од групата ќе обезбедат пласман во втората фаза од квалификациите, кои ќе траат од ноември до јули наредната година, а вториот круг почнува во август.

Саша Обрадовиќ има богата тренерска кариера, ја започна во германскиот Рајн Енерџи Келн, а потоа ги водеше уште Киев, Туров, Доњецк, Алба, Локомотив Кубан, Црвена ѕвезда и двапати Монако. Со Монако стигна до Ф4 на Евролигата во 2023 година, а освоил шампионски титули во Германија, Франција и Украина.

Како играч, најголемиот дел од кариерата го помина во Црвена ѕвезда, а настапувал и за Лимож, Алба, Виртус, Будуќност и Келн. Со репрезентацијата на Југославија освои злато на СП 1998, сребро на ОИ 1996 и три златни и еден бронзен медал на Евробаскет.

- Оглас -

Најнови вести