Светислав Пешиќ многу веројатно ќе си замине од селекторската позиција на Србија по дебаклот на Евробаскетот и елиминацијата во осминафиналето. Популарниот „Кари“ во доверлив круг признал дека „ја изгубил екипата“ и дека додека капитенот Богдан Богдановиќ бил присутен, тој ги решавал проблемите во составот.
По неговото заминување, работите целосно се распаднале, што кулминирало со поразот од Финска.
Во разговор пренесен од „Спорт Клуб“, Пешиќ открил дека дел од играчите, Марко Гудуриќ, Алекса Аврамовиќ и Огњен Добриќ, наместо на шутерски тренинг, оделе во црква на молитва. Дополнително, дел од нив одбивале да јадат месо, што според селекторот било проблем поради потребната енергија.
Тој признал и дека Никола Јокиќ пристигнал со вишок килограми, но нагласил дека не можел да му замери поради квалитетот кој го внел во нападот. Пешиќ додал дека 10 од 12 играчи дошле неподготвени, освен Богдановиќ и Вања Маринковиќ.
Договорот на 76-годишниот стратег со Кошаркарската федерација на Србија истекува на крајот од септември. Иако повеќето сметаат дека неговиот мандат е завршен, во самата федерација постојат струи кои би сакале Пешиќ да остане уште четири години. Конечната одлука ќе биде донесена до крајот на месецот.