Српските кошаркари кои освоија бронзен медал на Олимписките игри во париз, се вратија во Белград. Иако не стигнаа до златото, кошаркарите се херои во својата земја. Во полуфиналето на турнирот, Србија за малку не направи изненадување против фаворизираните Американци и на крајот загуби со 95:91.
Селекторот на Србија, Светислав Пешиќ ги кажа првите импресии по доаѓањето во Белград.
„Нема успех без заедништво. Воопшто не е лесен патот за голем успех во спортот. потребни се многу одрекувања, да се поминат различни препреки. Оваа наша екипа има сплотеност, заедништво. Ова беше најсилен турнир во историјата на кошарката и тоа уште пред почетокот на игрите го кажав. Американците дојдоа со најдобрите 12 играчи од НБА лигата. Во спортот, но и во животот треба да се има јасна цел и да се стреми да се оствари“, вели селекторот Пешиќ кој се согласува со предводникот на Германија дека финалето на ЛОИ требаше да биде Србија – Германија, а не САД – Франција.
Капитенот на Србија, Богдан Богдановиќ вели дека најтежок меч на цел турнир им бил тој против Судан.
„Благодарам на сите за поддршката. Уште на почетокот направивме одлична атмосфера и на крајот може да бидеме задоволни од резултатот. Ова беше многу тежок турнир. Сите ги памтат само последните мечеви, но за мене најтежок меч беше тој против Судан. Потоа губевме 24 разлика од Австралија, но се вративме и победивме. Не треба да се заборават тие дуели. Знам дека повеќе се памтат дуелите против Германија и САД, но целиот турнир беше мнгоу тежок“, вели капитенот Богдановиќ.