Навивачката група Лозари од Кавадарци им донесе среќа на фудбалерите на Тиквеш во дуелот со исландскиот Брејдаблик. Гостите водеа со 2-0 до 74-тата минута, но на крајот Тиквеш славеше со 3-2.
Лозарите не ги гледаа првите 45 минути од дебито на нивниот сакан клуб на европската сцена, дури на полувреме се појавија на источната трибина на Арената „Тодор Проески“. Резултатот на семафорот беше 2-0 за Брејдаблик.
Но, со Лозарите на трибините, Тиквеш беше сосема друга екипа. Во второто полувреме песната на навивачите ги крена фудбалерите на македонскиот претставник во квалификациите од Конференциската лига и Тиквеш направи пресврт каков што не се памети за еден македонски клуб во европските купови.