Пет клуба во Европа кои заедно имаат 82 првенствени титули сега се на дното од табелите во домашните шампионати

Во европскиот клупски фудбал веќе се навикнавме на секакви изненадувања и веќе ништо не е чудно, но тоа што моментално се случува во пет национални лиги е вистинска реткост. Пет големи клуба, пет докажани шампиони со голема традиција и богата историја, моментално се на последното место на првенствената табела во националните шампионати, а меѓу нив е и македонскиот Вардар.

Вардар е најтрофеен македонски клуб дури со 11 шампионски титули во домашното првенство, но овој ноември го дочека како последен на табелата во Прва лига. Во иста ситуација како Вардар се уште четири докажани гиганти во своите земји.

Ајакс не само што е најтрофеен холандски клуб, туку тој е еден од најуспешните во Европа. Со четири титули европски првак и рекордни 36 трофеи во домашното првенство, Ајакс моментално е „фенерџија“ во холандската елитна лига.

Базел има 20 титули во Швајцарија, зад Грасхоперс е вториот најтрофеен клуб во оваа земја, а сега е на последното место во домашното првенство. Во Франција, во небрано е тимот на Олимпик Лион. Клубот со историја во која може да се пофали дека седумпати бил на тронот во француското првенство, сега е на последното место во Лига 1. Во ова друштво е и Фола Еш од Луксембург. Клубот кој има седум титули, сега е на дното од табелата.

Ако се соберат бројот на првенствените титули на овие пет трофејни клуба, ќе се дојде до бројката од неверојатни 82 шампионски пехари на екипите кои сега се на дното во своите национални лиги и се борат за опстанок.

- Оглас -

Најнови вести