Пецко од насловните страници во акција со добротворен тикет

Поранешниот македонски тениски репрезентативец Предраг Русевски е наш гостин во хуманата акција на Спорт Манија и Sport Life и подготви добротворен тикет со пет двојки од натпревари што следуваат викендов.

Творецот на еден од највпечатливите спортски подвизи во незаборавниот септемвриски понеделник во 2006 година веднаш ја прифати нашата покана.

„Милан обавезно 1-1. Навивам за росонерите и немам дилеми дека ќе победат против Лече“, го почна тикетот популарниот Пецко.

Набрзина ги нанижа и останатите четири двојки во нашиот стандарден добротворен тикет, кој има коефициент од 209.7. Уплатата е 500 денари, што ја обезбеди синџирот обложувалници на Sport Life, a парите ќе одат за помош на социјално загрозените и ранливи категории. Секако ќе израдуваат некого, како што тоа го направи популарниот Пецко во 2006 година.

Во веројатно и најубавиот спортски понеделник од независноста на Македонија, Русевски на 25. септември во 2006 година предизвика вистинска експлозија на тенискиот комплекс „Југ“ во Скопје.

Драмата што почна ден претходно, во неделата на 24. септември, кулминираше со нов почеток следниот ден точно напладне.

Русевски го играше клучниот петти меч против Финецот Тимо Ниеминен при комплетен егал. Македонија против Финска во битка за пласман во Првата група во Дејвис купот е 2:2, а и на дуелот меѓу нашиот тенисер и Тимо резултатот е исто така 2:2 во сетови.

Се играше и буквално на се, или ништо во понеделничкото продолжение што беше закажано точно за во 12 часот. Река народ пристигна на комплексот во Градскиот парк, а место имаше само за околу илјада среќници. Вриеше како во кошничка, но според тениските правила тишината владееше на ТК Југ.

Експлозија од радост го прекина молкот кога прецизен форхенд на нашиот тенисер беше недостижен за Ниеминен. Пецко го доби мечот со 3:2 и Македонија отпатува во вториот по ранг степен на натпревари во Дејвис купот со вкупна победа од 3:2, во најубавиот спортски понеделник во нашата историја.

„Пецко од насловните страници“ осамна на насловната страница на најтиражниот наш тогашен весник „Дневник“.

И останатите медиуми му дадоа голем простор на тенискиот јунак, а Македонија уживаше неколку години потоа во одлични мечеви во Дејвис купот и со гости од рангот на Јарко Ниеминен, Доминик Хрбати, Робин Хасе, Ернест Гулбис… Тенисери што беа во Топ-50 на АТП листата, дел од нив и меѓу десетте најдобри, како врвен ранкинг во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести