Олимпискиот шампион Бразил, со 3:0 во сетови ја совлада Србија во првото полуфинале на Светското првенство за мажи во одбојка, чија завршница се игра во италијанскиот град Торино. По сетови, Бразил славеше со 25-22, 25-21 и 25-22, па утре ќе игра финале против САД или Полска, а Србите ќе се борат барем за бронзата.
За репрезентацијата на Бразил, ова е петто финале на СП по ред, а вкупно шесто во нивната историја. Србите останаа на тоа едно финале од 1998 година, кога настапуваа како СР Југославија. На Бразил во прилог му оди податокот дека кога и да ја победел Југославија, Србија или Србија и Црна Гора во полуфинале, на крај ја освојувал титулата.
Бразилците на годинешното СП загубија само еден меч, и тоа во првото коло од Холандија, а еве сега се во низа од десет победи по ред, од кои последните шест им се со 3:0 во сетови. Во 2014, Бразил во финалето загуби од Полска, па можеби ќе имаат шанса за реванш, доколку вечерва Полјаците бидат поуспешни од Американците.